На шестиот Анимакс ќе бидат прикажани 50 анимирани филмови

31

cover animaks6ska 1

На шестото издание на меѓународниот филмски фестивал за анимиран филм Анимакс Скопје Фест ќе бидат прикажани 50 анимирани филмови во официјалната програма, од кои осум се наменети за детската публика. Настанот ќе се одржува од први до четврти декември под мотото За нагоре во Кинотека на Македонија.

Во четирите фестивалски денови на Анимакс Скопје Фест ќе бидат прикажани 42 краткометражни филмови и осум филмови за деца во официјална конкуренција. Тие се избрани од пријавените рекордни 1.527 анимации од 85 земји во светот, меѓу кои најголем број од САД, Англија и Франција, но и од Германија, Индија, Иран, Шпанија, Русија, Бразил и други.

Голем дел од филмовите кои се борат за Златната тула се носители на престижни награди, победници на филмски фестивали од А категорија.

Традиционално на последниот ден од фестивалот, четврти декември, ќе бидат доделени наградите Златна, Сребрена и Бронзена тула, а за нив ќе одлучува меѓународна жири комисија. Исто така, ќе биде доделена и Златна тула за најдобар детски анимиран филм, а за победникот ќе гласаат децата во четири фестивалски денови. Градоначалникот на Град Скопје ќе додели Специјална плакета Гран При на авторот Николас Бролт од Канада.

За време на фестивалот ќе бидат одржани и три работилници за анимација и една промоција на книга.

Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 20 часот. Билетите за вечерните проекции чинат 70 денари. Проекциите за деца се бесплатни.

Анимакс Скопје Фест е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со филмското училиште Тинтири – Минтири од Скопје, со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија и Град Скопје, и во соработка со Кинотека на Македонија.

Анимакс Скопје Фест е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.