На социјалното претприемништво му требаат адаптирани финансиски решенија   

94

kako-da-osnovam-socijalno-pretprijatie

Во Македонија се дефинира правната рамка за поддршка на социјално претприемништво во земјата, па согледување на состојбите на оваа тема е клучно за понатамошниот развој. Еден од најголемите предизвици во регионот е недостатокот на инвестиции и немањето на соодветни финансиски инструменти без кои социјалните претпријатија имаат потешкотии да го одржат и понатаму да го развиваат својот бизнис. За  трендовите во социјалното претприемништво и што сè треба да се направи за да им се помогне на овие претпријатија во надминување на предизвиците се дискутираше на информативна средба, организирана од здружението Конект како дел од проектот Социјално претприемништво: учење од практика и промоција“, финансиран од Министерството за економија на Република Македонија, стои во соопштението.

На настанот беа споделени и резултатите од првото сеопфатно истражување за екосистемите за развој на социјалните претпријатија во седум земји на Западен Балкан, во кое со својата истражувачка експертиза учествуваше Конект. Истражувањето е спроведено од NeSsT за потребите на Европската банка за реконструкција и развој (ЕБРД), а спонзорирано од Тајванскиот бизнис фонд. Истражувањето покажува дека постои потреба да се продолжи со продлабочување на иницијативите за подигање на свеста и градење на секторот. Исто така, потребно е јакнење на капацитетите, поддршка при оформување на нови социјални претпријатија и учење од моделите со најдобри практики. Но, постои и уште поитна потреба да се интензивираат напорите за да се обезбедат бизнис ориентирани и советодавни услуги, како и прилагодени начини на финансирање за да се валидираат и да се подготват социјалните претпријатија за настап на пазарот. Со ова ќе се овозможи повеќе претпријатија да се подготват за инвестиции и да се одржат повеќе успешни модели, кои јасно ќе ја докажат функционалноста на овој сектор.

“Развојот на социјалното претприемништво во Македонија треба да се поттикне на начин соодветен на нивните потреби. Потребна е законска рамка што ќе даде пошироко дефинирање на социјалните претпријатија и ќе предвиди бенефиции и поддршка на социјалните претпријатија за пристап на пазарот, како на пример преку јавните набавки. Исто така треба да се развиваат  разновидни  начини на финансирање како и поддршка од бизнис заедницата. Само со создавање на поволен екосистем социјалните претпријатија ќе бидат подготвени да настапат и да се одржат на пазарот, а воедно да ѝ служат на заедницата“, вели Никица Кусиникова, извршна директорка на Конект.

Конект го промовира и поттикнува личното донирање и општествената одговорност во насока на долгорочен развој на Македонија и на регионот. Организацијата се залага за промовирање на модели што носат економски и социјални придобивки за  општеството. Во оваа насока се фокусира на градење на партнерства помеѓу општествено одговорните компании и социјалните претпријатија. Преку Клубот на одговорни бизниси, Конект  ги поттикнува класичните  бизниси да советуваат и менторираат  социјални претпријатија и да ги поддржат преку своите услуги и синџирот на добавувачи. Плановите на Конект вклучуваат формирање на Фонд на приватни донатори за поддршка на социјалните претпријатија и пилот инвестиции. Конект застапува  за  законска рамка и политики со кои би се создал поволен еко-систем за развој социјалните претпријатија. Тие ги едуцираат сегашните и идни социјални претпријатија, соработуваат со креаторите на политики споделувајќи експертиза  за локалните модели на социјални претпријатија и организираат активности  за подигнување на свеста на оваа тема и поттикнување на поддршка.

Информативната сесија е дел од проектот Социјално претприемништво: учење од практика и  промоција финансиран од Министерството за економија на Република Македонија, а спроведуван од Здружението Конект. Конект е институционален грантист на Цивика мобилитас.