На стопанството му се ставаат на располагање 10 милиони евра бескаматни кредити

14

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и извршниот директор на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов денеска на прес конференција ја промовираа новата, бескаматна кредитна линија Ковид 4, за која компаниите ќе може да аплицираат од 15-ти јули.

Вицепремиерот Битиќи, зборувајќи на прес конференцијата, потсети дека Владата досега има донесено шест сета мерки, со вкупна проектирана вредност од околу 1,1 милијарди евра, како директна помош за справување со последиците од корона кризата. Во рамките на тие мерки, беа спроведени и трите бескаматни кредитни линии, Ковид 1, 2 и 3, од Развојната банка на Северна Македонија,  со кои се обезбедија ликвидни средства во вкупен износ од над 44 милиони евра, при што беа поддржани над 4.000 компании кои вработуваат околу 37.000 лица. 

“Ковид 4 бескаматната кредитната линија, која денес ја промовираме, изнесува 615 милиони денари или околу 10 милиони евра, и со оваа линија ќе бидат поддржани микро, мали и средни трговски друштва од најпогодените сектори од КОВИД-19, од таргетираните дејности во делот на кредитокорисниците, занаетчиите кои плаќаат давачки на реален приход, трговските поединци и приватните здравствени установи. Износот на кредитот ќе биде дефиниран во зависност од бројот на вработените и падот на приходите, може да изнесува од 3.000 до 30.000 евра,  роковите за отплата ќе се движат од 36 до 42 месеци со 12 месеци грејс период. Би сакал да укажам дека во оваа кредитна линија е овозможена  и грант компонента до 50% од висината на кредитот, доколку корисниците ги исполнат потребните условите, а тоа е во 2021 да имаа 5% повеќе вработени во однос на 2020 година и вкупните приходи во 2021 да се зголемени за 10% во однос на 2020 година или може да добијат грантови од 20% или 30% доколку е остварен еден од условите“, нагласи Битиќи.

Вицепремиерот соопшти дека во изминатитгодина и четири месеци, вложи навистина сериозни напори, за да ги поддржи и да помогне на граѓаните и на стопанството, особено на оние најпогодените, со цел да го амортизира влијанието на пандемијата и да овозможи услови за што поскоро и побрзо закрепнување на домашната економија од последиците од глобалната криза. Воочуваме постепено и стабилно подобрување на економската состојба што се отсликува преку повеќе макро економски индикатори.

Повеќе статистички параметри кои укажуваат дека економијата оди во нагорна линија. Во последните три месеци, бележиме раст на индексот на индустриско производство и тоа во март за 7,6%, во април дури за 46,1% и во мај за 16,5% во однос на соодветните месеци во 2020 година. Меѓународната трговска размена бележи сериозен раст од 41,5%, во првите 5 месеци од 2021 година во споредба со истиот период лани, извозот расте со стапка од 44,3%, а покриеноста на увозот со извоз во овој период е 73,7%. Според податоците од Државниот завод за статистика, вкупниот број на вработени изнесува 793.121 лица, додека стапката на невработеност е стабилна и изнесува 16%. Просечната нето плата во април 2021 година изнесува 28.438 денари, што претставува раст од 10,1% во однос на април 2020 година и веќе сериозно се доближуваме до просечна плата од 500 евра“, презентираше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека годинава ќе биде година на заздравувањето, по што Република Северна Македонија ќе се стреми кон остварување на приоритетните цели за забрзан раст и спроведување на европската агенда.

Приоритетите кон кои е насочена Владата и Министерството за финансии е постигнување повисоки стапки на економски раст од 4% до 5% годишно, како и раст на платите за 20% до 30% на среден рок со цел подобрување на стандардот на граѓаните. Кон ова ќе целиме преку спроведување фискална политика на среден рок, која ќе биде насочена кон инвестиции, заздравување и одржлив раст и фискална консолидација. Од аспект на зголемување на инвестициите, во Министерството за финансии во финална фаза е Планот за финансирање  на забрзан раст, кој има за цел да мобилизира дополнителен капитал и  ги мултиплицира средствата за инвестиции преку ангажирање на приватен капитал. На тој начин побрзо ќе се постигне планираната развојна агенда ќе  се задржи фискалната консолидација на јавниот долг и буџетскиот дефицит на среден рок и  ќе се зголемат инвестициите во јавниот сектор и поддршката на инвестициите во приватниот сектор“, нагласи Бесими.

Министерот подвлече дека Значајна ликвидносна поддршка за заздравување од ефектите од Ковид -19 пандемијата за компаниите се исто така и 100-те милиони евра поволни средства од Европската инвестициска банка за кои веќе е потпишан договор.

Средствата се наменети за инвестиции или зголемување на потребите за обртни средства, а каматните стапки исклучително ниски. Еден од инструментите во Планот за финансирање на на забрзан рат е и Гарантниот фонд преку кој ќе се спроведе државната гарантна шема.  Гарантниот фонд ќе гарантира кредити до 500 илјади евра за микро, мали и средни претпријатија, како и големи трговци чии приходи по основ на извоз учествуваат најмалку со 30% во вкупните остварени приходи“,  рече Бесими.

Директорот на Развојната банка Кире Наумов детално го презентираше јавниот повик и критериумите за компаниите во него при што посочи дека аплицирањето за оваа четврта бескаматна кредитна линија започнува на 15-ти јули од 09:00 часот.

“Со објавата на повикот за Ковид 4 се стават на располагање уште 10 милиони евра за приватните субјекти кои во 2020 година имале најмалку 30% пад на приходите. За кредит од Ковид 4 може да аплицираат субјекти кои не користеле средства од првата мерка од петтиот економски сет, односно мерката за финансиска поддршка за плати за февруари и март на Управата за јавни приходи, субјекти кои не користеле кредит од Ковид 3 од Развојна банка и субјекти кои користеле кредит од Ковид 1 и/или Ковид 2но немаат неизмирени достасани обврски на денот на аплицирање“, презентираше Наумов. 

Тој додаде дека документите кои се потребни да бидат поднесени при аплицирање се во голема мера идентични со претходните бескаматни кредитни линии, а задолжителните документи вклучуваат кредитно барање, ЗП образец и изјави кои може да се симнат од веб страницата на банката каде што е објавен и Јавниот повик.