На светот му се заканува глад, а најголемите трговци со жито остваруваат рекордни профити

76

Глобалните трговци со жито уживаат во рекорден профит поради глобалниот пораст на цените на храната, што ги зголемува стравувањата дека шпекулациите би можеле да ја стават храната надвор од дофатот на најсиромашните. Затоа растат повиците овие трговци да плаќаат данок на дополнителна добивка, пишува британски „Гардијан“.

Четирите најголеми светски трговци со жито, кои со децении доминираат на светскиот пазар, бележат рекордни профити. Четири компании: Archer-Daniels-Midland Company, Bunge, Cargill и Louis Dreyfus – познати заедно по акронимот ABCD – контролираат околу 70-90 проценти од светската трговија со жито. Тие предвидуваат дека побарувачката ќе ја надмине понудата најмалку до 2024 година, што најверојатно ќе доведе до уште поголема продажба и профит во следните две години.

Според податоците на ОН, годинава цените на храната пораснале за повеќе од 20 отсто. Според Светската програма за храна, околу 345 милиони луѓе се соочуваат со акутен недостиг на храна, во споредба со 135 милиони пред пандемијата.

„Фактот што светските гиганти остваруваат рекордни профити во исто време кога гладот ​​е во пораст е очигледно неправеден. Тоа е страшно обвинение за нашите системи. Што е уште полошо, овие компании можеа да направат повеќе за да ја спречат кризата со глад“, предупреди Оливие Де Шутер, специјален известувач на ОН за екстремна сиромаштија и човекови права.

Истото се случува и со храната како и со енергијата, цените растат благодарение на монополите, не затоа што енергијата е недостапна.

„Светскиот пазар на жито е поконцентриран од енергетскиот и уште помалку транспарентен, па затоа постои голем ризик од незаконско профитерство“, истакнува Де Шутер.

Тој рече и дека има големо зголемување на цените на храната и покрај постоењето на големи светски залихи на жито.

Меѓу главните трговци на мало со храна, Cargill пријави 23 отсто зголемување на приходите на рекордни 165 милијарди долари, додека Archer-Daniels-Midland го забележа својот најголем профит во вториот квартал досега. Продажбата на Bunge се зголеми за 17 отсто на годишно ниво во вториот квартал, а Louis Dreyfus објави дека профитот во 2021 година се зголемил за повеќе од 80 отсто, додека приходите за речиси една четвртина до 1,62 милијарди долари.

Комесарот на ОН Де Шутер посочува дека е неопходна промена на глобалниот пазар на храна.

„Мораме да ги скршиме монополите што го држат синџирот на исхрана. Неколку компании ги контролираат глобалните пазари за семиња и ѓубрива, генетиката на животните, глобалната трговија со жито и малопродажбата на храна. Тие остваруваат огромни профити на сметка на земјоделците, потрошувачите и животната средина“, предупреди тој.