На текстилната индустрија и треба доедукација и модернизација

22

Неквалификуваната работна сила е еден од предизвиците со кој се соочува текстилната индустрија, но главна пречка и предуслов за растот и развојот на малите и средни претпријатија се изворите на финансирање, беше речено на средбата меѓу министерот за економија, Ваљон Сарачини и претставниците на текстилната индустрија и кластерот за текстил.

“Нашата стратешка определба е спроведување на континуирани, системски реформи, со цел создавање на предвидлива бизнис клима, подобрување на условите на делување на деловните субјекти, но и истовремено почитување на правата и обврските. Со креирањето и менувањето на законската регулатива нудиме можности за унапредување на условите за работа на деловните субјекти, но и заштита на правата и интересите на граѓаните, преку полесно почитување на законот, со што ќе овозможиме отстранување на аномалиите кои можат да се појават”, рече Сарачини, јавува Макфакс.

Тој додаде дека Министерството за економија континуирано го поддржува кластерот за текстил во делот на истражување на пазарот, развојот на човечки ресурси и технолошки развој, поради што Владата обезбеди поволни кредити преку Европска инвестициона банка во вредност од 12 милиони евра, но исто така и учество на саеми на текстилните компании, Б2Б средби како и обуки од страна на домашни и странски компании.

Маријана Велкова, претседател на Кластерот за текстил, ја поздрави можноста за директно презентирање на предизвиците со кои се соочува текстилната индустрија во моментот и потенцира дека во поглед на неквалификуваната работна сила, исчекор може да се направи во правец на едукација на кадри во моделирање, но исто така, потребна е и автоматизација и модернизација на текстилната индустрија.

Македонското текстилно производство е главно ориентирано кон извоз, најмногу на пазаротна Европската унија. Во 2012 година е остварен извоз од 519 милиони евра.