На Волстрит берзанските индекси непроменети – инфлацијата во САД сè уште е висока

27

На Волстрит вчера берзанските индекси останаа речиси непроменети, бидејќи поради растот на инфлацијата во САД стивна оптимизмот во однос на намалувањето на каматните стапки од страна на американската централна банка.

Dow Jones зајакна 0,04 отсто, на 37.711 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,07 отсто, на 4.780 поени. Индексот Nasdaq, пак, остана речиси непроменет на 14.970 поени.

Инфлацијата е повисока од очекуваната
Индексите останаа речиси непроменети бидејќи инвеститорите беа поколебани од извештајот кој покажува дека потрошувачките цени во САД се зголемија за 0,3 отсто на месечно ниво во декември, додека тие се зголемија за 3,4 отсто на годишно ниво.

Станува збор за повисока стапка на инфлација од очекуваната, бидејќи аналитичарите проценуваа дека цените ќе пораснат за 0,2 отсто на месечно ниво и 3,2 отсто на годишно ниво.

Базичната стапка на инфлација, без цените на храната и енергијата, благо се лизна од 4 на 3,9 отсто на годишна основа, така што и понатаму е значително над целното ниво на ФЕД од 2 отсто.

Како резултат на тоа, оптимизмот за намалувањето на стапката на ФЕД избледе.