На Волстрит најлошото полугодие од 1970 година

36

На Волстрит цените на акциите паднаа, па берзанските индекси завршија во црвено и на месечно и на квартално ниво, додека во целата прва половина од годината забележаа најголем пад во повеќе од 50 години.

Dow Jones изгуби 253 поени или 0,82 отсто вчера, на 30.775 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,88 отсто, на 3.785 поени, а индексот Nasdaq се намали за 1,33 отсто, на 11.028 поени.

Така, месец јуни заврши во тмурно расположение. Сите три индекси забележаа пад во целиот втор квартал, а два квартали последователен пад на S&P 500 и Dow индексот не се паметат од 2015 година.

Во целата прва половина од годината Dow Jones потона за повеќе од 15 отсто, S&P 500 за повеќе од 20 отсто, а Nasdaq индексот за речиси 30 отсто.

Тоа е најлошата прва половина од годината за индексот S&P 500 од 1970 година, за Dow Jones од 1962 година, а за Nasdaq најлоша од неговото постоење.

Во првите денови од оваа година, индексите достигнаа рекордни нивоа, исто како и минатата година, благодарение на закрепнувањето на економијата од корона кризата, но набрзо правецот на пазарот е обратен поради ширењето на омикрон варијанта на Ковид- 19.

Потоа дојде руската инвазија на Украина, која го наруши пазарот на енергија, суровини и храна и со тоа дополнително го поттикна растот на и онака високата инфлација.

Инфлацијата во САД достигна највисоко ниво во последните 40 години
Бидејќи инфлацијата во САД го достигна највисокото ниво во последните 40 години, ФЕД одговори со агресивно зголемување на каматните стапки, а многу други централни банки ширум светот го сторија тоа или го објавија тоа.

Поради ова секако ќе се забави растот на светската економија, а можна е и рецесија.

Во првиот квартал американската економија падна на квартална основа, а не се одлични ниту макроекономските податоци во вториот квартал.

„Инфлацијата се зголемува од почетокот на годината, додека економскиот раст забавува. ФЕД ги заостри финансиските услови за да ја спречи инфлацијата и паниката на пазарите. Сепак, мислам дека „меко“ приземјување на економијата е малку веројатно. Ми се чини дека всушност веќе сме паднале во рецесија и единственото прашање е колку длабока ќе биде таа“, вели Пол Ким, директор во Simplify.

Податоците објавени вчера укажуваат на благ пад на расположливиот доход во САД, слабеење на потрошувачката, сѐ уште висока инфлација и благ пораст на невработеноста.

„Податоците почнуваат да покажуваат дека потрошувачката забавува, инфлацијата се чини дека почнува да влијае на просечниот потрошувач. И тоа може да влијае на заработката на компаниите, главните двигатели на пазарот“, вели Оливер Пурше, потпретседател во Wealthspire Advisors.

И на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонски FTSE индекс се намали за 1,96 отсто, на 7.169 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,69 отсто, на 12.783 поени, а париски CAC 1,80 отсто, на 5.922 поени.