На Волстрит S&P 500 и Dow Jones индексот се лизнаа од рекордните нивоа

13

На Волстрит во понеделникот, S&P 500 и Dow Jones индексот се лизнаа од рекордните нивоа, бидејќи изгледите за намалување на каматните стапки на ФЕД во јуни избледеа по добрите економски показатели.

Dow Jones загуби 0,60 отсто, на 39.566 поени, S&P 500 за 0,20 отсто, на 5.243 поени. Индексот Nasdaq зајакна, пак, за 0,11 отсто, на 16.396 поени.
Падот на Dow Jones и S&P 500 од рекордно ниво се должи на намалените изгледи дека американската централна банка ќе почне да ги намалува каматните стапки во јуни, бидејќи најголемата светска економија е во добра состојба.

Вчера, имено, беше објавено дека PMI индексот на производствена активност во САД во март порасна од 47,8 поени еден месец претходно на 50,3 поени, највисоко ниво од септември 2022 година. Ова покажува дека преработувачкиот сектор, кој долго време беше под притисок на високите каматни стапки, закрепнува.

Берзата силно се зголеми во последните месеци бидејќи инвеститорите очекуваат ФЕД да ги намали каматните стапки во јуни. Сепак, изгледите за тоа стивнаа по вчерашните податоци.

Пазарот на пари сега проценува дека има околу 58 отсто шанси ФЕД да ги намали каматните стапки во јуни, во споредба со 64 отсто минатата недела. Исто така, се очекува дека ФЕД ќе ги намали каматните стапки оваа година во три наврати за по 0,25 процентни поени.

Голем број претставници на ФЕД ќе ја коментираат економската состојба оваа недела, а вчера двајца од нив – гувернерот Кристофер Валер и претседателот на филијалата на ФЕД во Атланта Рафаел Бостиќ – рекоа дека очекуваат намалување на каматните стапки помалку од три пати оваа година.

„Ние претпочитаме посилна економија со помалку намалувања на стапките отколку послаба економија со повеќе намалувања. Но, на краток рок, пазарот очекува три намалувања на стапките оваа година“, рече Кит Лернер, стратег во Truist Wealth.

Европските берзи вчера беа затворени поради велигденските празници.