На вработените им поделија откази – директорите земаа милионски бонуси

1078

Alphabet, матичната компанија на Google, на четворица свои директори им плати десетици милиони долари за бонуси.

Претседателката и главен финансиски директор Рут Порат, заедно со високиот потпретседател Прабакар Рагаван, главниот деловен директор Филип Шиндлер и шефот за правни работи Кент Вокер, добија максимален број акции врз основа на перформансите на компанијата, соопшти Google во регулаторното поднесување минатата недела.

Основните плати за четворицата директори останаа на 1 милион долари минатата година, а секој доби бонус од 1,5 милиони долари. Добиле и акции вредни милиони долари, пишува Business Insider.

Технолошкиот гигант укина 12.000 работни места, или 6 отсто од својата работна сила, во текот на изминатата година и предупреди дека ќе отпушти повеќе работници во 2024 година.

– Имаме амбициозни цели и годинава ќе инвестираме во нашите големи приоритети. За да создадеме капацитет за оваа инвестиција, мораме да направиме тешки избори и тоа е реалност, напиша извршниот директор Сундар Пичаи во интерен меморандум во јануари.

Отпуштањата и кратењата на клучните проекти го влошија расположението во компанијата, објави Business Insider во јануари. Менаџментот на компанијата доби силна негативна реакција од дел од вработените, кои на социјалните мрежи јавно ја изразија својата огорченост за отпуштањата.

Акциите на Alphabet пораснаа за 55% во изминатата година.