На вториот заеднички тендер на ЕУ за набавка на гас се пријавија 25 компании

34

– Вкупно 25 меѓународни добавувачи одговорија на нашиот втор тендер за заедничка набавка на гас, со понуди за снабдување со вкупно 15,19 милијарди кубни метри. Сакам да им се заблагодарам на добавувачите кои ги доставија своите понуди, изјави денеска потпретседателот на Европската комисија за меѓуинституционални односи и проекции, Марош Шефчович.

– Добивме понуда за речиси 16 милијарди кубни метри, што е за над четири милијарди кубни метри повеќе во споредба со првиот тендер.

Заедно на двата тендера имаме двојно поголема понуда од барањата поставени од Советот за целата година. Морам да нагласам дека овие резултати ги надминаа нашите очекувања, истакна Шефчович.

Тој потсети дека првиот тендер за заедничка набавка на гас преку Енергетската платформа на ЕУ беше распишан во април годинава, вториот на 26 јуни, а најави дека ќе следи и трет по летните одмори.

Шефчович посочи дека Еврокомисијата направила одредени измени во тендерот за дополнително да се зголеми ефективноста на заедничката набавка на гас, додавајќи дека резултатите од вториот тендер покажуваат дека постои потреба од здружување на силите за да се гарантира стабилно и прифатливо снабдување со гас на пазарот на ЕУ.

– Сега е важно да го зачуваме овој модел што функционира. Механизмот за заедничка набавка да стане редовна точка за поврзување на европската индустрија и добавувачите.

Исто така, верувам дека сега треба да работиме на проширување на овој модел и за набавка на други стоки, вклучувајќи обновливи енергенси, водород и стратешки суровини, додаде Шефчович.

Со вториот тендер, кој траеше од 7 до 10 јули, се бараше обезбедување на гас за потребите на 49 компании од ЕУ за периодот од август 2023 година до март 2025 година.

Речиси половина од бараните количества на енергенсот се однесуваа на течен природен гас (ЛНГ).

Проектот за заедничка набавка на гас во ЕУ е дел од Планот за диверзификација на изворите на енергенси и зајакнување на енергетската безбедност пред следната зима.

На овој начин на компаниите им се овозможува да настапат со заедничка побарувачката за гас и да се усогласат со конкурентните понуди за снабдување на глобалниот пазар.

Механизмот, во кој досега се вклучени над 150 компании, е отворен за субјекти од сите членки на ЕУ и од земјите опфатени со Енергетската заедница.