Над 10.000 вработени во секторот рударство, а во пандемијата нема ниту еден отказ

83

Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска се обрати на Меѓународната видео-конференција за минерални суровини којашто се одржа во Белград, Србија.

Министерот во своето обраќање на панелот на тема Перспективите и предизвиците на рударскиот сектор за време на КОВИД-19 искуства од регионот истакна дека Северна Македонија во споредба со својата географска големина има големо и непроценливо богатство од минерални суровини. Затоа, особено значајно на Северна Македонија е оваа гранка да се развива во насока да обезбеди економски раст за државата, но и перспективно да влијае врз секој сегмент на општеството.

Министерот ги сподели мерките кои што ги превзема Владата за поддршка на рударскиот сектор за време на здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата.

“За време на здравствено-економската криза предизвикана од КОВИД-19 вирусот Владата донесе Уредба со која се даде можност за одложување на примената на одделни одредби од Законот за минерални суровини за време на траењето на вонредната состојба настаната заради епидемијата, а со цел да се создадат услови за непречено продолжување со работа по завршувањето на вонредната состојба без предходно концесионерите да имаат импликации по доделените концесии заради неможноста за исполнување на конкретни обврски од Законот за минерални суровини“, потенцираше министерот Бектеши во своето обраќање.

Според министерот, сепак кризата не го заокружу рударскиот сектор и во овој период се бележи пад во индустриското производство во секторот рударство и тоа за 9,7%, пред сè кај рудниците за неметалични суровини, но како што потенцираше, очекувањата се оваа состојба да се стабилизира до средината на наредната година.

“Меѓутоа и покрај отежнатите услови рудниците за метали не застанаа со работа во овој период и производството се задржа на исто ниво, а охрабрувачки  е и фактот дека и за време на оваа криза доделени се неколку нови концесии за детални геолошки истражувања и за експлоатација на минерални суровини“, кажа Бектеши во своето обраќање.

Министерот информираше дека во секторот рударство во Северна Македонија, како и придружните што го опслужуваат овој комплекс, во нашата земја, бројат над 10.000 вработени, а во текот на пандемијата немаше отпуштања во овој сектор.

Затоа овој сектор е еден од водечките сектори од индустриското производство и е од големо значење за македонската економија.

“Во земјава има преку 100 активни рудници и тоа за експлоатација на неметалични и металични минерални суровини. Од металичните, пред сè би ги издвоил бакарот, оловото и цинкот и пропратно златото и среброто. Сè поголем интерес има и за експлоатација на архитектонско-украсни камења како и на минерални и термоминерални води кои се атрактивни за инвестирање во развој на бањскиот туризам, но и на оранжериското производство“, потенцираше Бектеши.

Министерот кажа дека Министерството за економија во моментов работи и на уредување на законската реулатива за воведување на концесии за експлоатација, односно искористување на петротермалната енергија од подземни жешки карпи, за што има голем потенцијал во Северна Македонија.

“Сепак, во времето во кое живееме, време на висок индустриски развој несомнено се развива и сè поголемата свест кај луѓето за потребата од здрава и безбедна животна средина. Затоа, заложба на  Владата е да се озбезбеди одржливо рударство, како и користење на најдобрите и најсовремените техники во рударството, а влијанието врз животната средина и здравјето на луѓето да се сведе на минимум“, кажа министерот во своето обраќање на Меѓународната конференција за минерални суровини.