Над 180 работодавачи добиле помош, а не исплатиле плати за вработените за февруари и март

15

Вкупно 181 работодавач којшто добиле финансиска поддршка од државата за февруари и март не исплатиле плата на своите вработени до 31-ви мај, информираше денеска директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Од нив, 157 не исплатиле плата за еден месец, а 24 за двата месеца. Според тоа, не се исплатени 753 месечни плати, а одобрената, но неисплатена финансиска помош е вкупно 12.071.908 денари или 2.738.715 денари за февруари и 9.333.193 денари за март.

Овие работодавачи се од дејностите, од подготовка на оброци и служење храна, 61, од дејноста трговија на мало, 33, од дејноста копнен транспорт, 24, но има и од специјализирани градежни дејности, трговија на големо и мало со моторни возила и мотоцикли, правни и сметководствени дејности.

“Вкупно 181 работодавач ја злоупотребил државната помош и обесправил 753 вработени. Најмногу од работодавачите кои не исплатиле плата се од Скопје, 71, потоа од Тетово 53 и 27 се од Битола“, рече Лукаревска.

Таа потенцира дека на работодавачите кои не дале плати, а земале финансиска помош веќе им се доставени опомени, а по истекот на рокот за опомена почнува постапката за присилна наплата на долгот.

Лукаревска рече и дека продолжуваат контролите кај работодавачите кои го изиграле законот. Присилна наплата е спроведена кај работодавачите кои не исплатиле плати за периодите април, мај и јуни, како и октомври, ноември и декември.

Највисокиот износ на финансиска поддршка е 21.776 денари месечно по работник.

Фото: Pexels