Над 19.000 компании досега аплицирале за финансиска помош за исплата на плати

33

Над 19.000 компании досега аплицирале за мерката за финансиска поддршка за исплата на платите за месеците април и мај во износ најмногу до 14.500 денари месечно по работник преку која се овозможува континуитетот на работните процеси, се обезбедува основа за редовна исплата на плати и придонеси, при што се создаваат сериозни услови да се сочуваат работните места, стои во соопштението од Влада.

Бројката на компании кои аплицирале е висока, особено ако се има предвид дека до крајот на рокот за аплицирање остануваат уште два дена, денешниот и целиот утрешен ден (четврток) до 24 часот и се очекува дека за мерката ќе аплицираат голем процент од компаниите кои ги исполнуваат условите.

Аплицирањето за оваа мерка започна на први мај, и до сега, само во овие неколку дена, и покрај празникот и викендот, во Управата за јавни приходи се пристигнати нешто повеќе од 19.000 апликации.

Владата уште еднаш ги повикува сите заинтересирани компании кои сè уште немаат аплицирано за оваа финансиска поддршка, да го направат тоа што побргу преку системот за е-даноци на УЈП.

Фото: Pixabay