Над 26.000 годишни сметки се очекува да бидат поднесени електронски

25

Над 26.000 годишни сметки се очекува да бидат поднесени по електронски пат до Централниот регистар. Во постапка на поднесување се околу 11.700 сметки, од кои 6.000 се веќе поднесени, пишува Миа.

Годишните сметки и годинава се поднесуваат по избор, во хартиена или во електронска форма, освен средните и големите компании кои се должни годишните сметки и финансиските извештаи да ги достават во електронска форма.

“Системот работи исклучително стабилно и функционира непречено, без падови и проблеми. Досега немаме никакви забелешки од страна на сметководителите кои се главни корисници на системот“, изјави вчера директорот на Централниот регистар, Андреа Поповски.

Претседателот на Комората на сметководители, Драган Митковски, истакна дека предноста на онлајн поднесувањето на годишни сметки е тоа што се избегнува човечкиот фактор и се губи помалку време.

“Мислам дека во следните години трендот на електронското поднесување на годишни сметки ќе биде во подем. Мое мислење е дека се уште постои резерва кај колегите дека може да се случи да имаат технички проблеми при поднесувањето. Ги повикувам сите колеги да почнат да поднесуваат онлајн годишни сметки, бидејќи има големи предности“, рече Митковски.

Електронскиот систем на поднесување годишни сметки е пуштен во употреба минатата година. Системот е надграден заради новиот Закон за трговски друштва кои стапија во сила од први јануари годинава.