На Скопскиот саем од утре до 8 март ќе се одржи 11. Меѓународен саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација. Во негови рамки ќе се одржи и 4. Саем на недвижнини и инвестиции – REALEXPO.
На саемот ќе учествуваат над 300 компании од земјата, регионот и пошироко.
На саемот за градежништво, кој подразбира сестрана промоција на оваа стопанска дејност на производителите и трговците од Македонија и од странство, ќе се нудат производи и услуги за работа, модернизирање, одржување и опремување објекти и имоти. Акцентот ќе биде ставен на новите материјали кои обезбедуваат енергетски заштеди. Се очекува тој да го привлече вниманието на експертите од областа на градежната индустрија и да овозможи средби, дискусии и склучување зделки.
Во делот на програмските активности секојдневно ќе се одржуваат промоции на производи од страна на компаниите, а последниот ден Агенцијата за енергетика ќе ги презентира енергетските пасоши.
На саемот на недвижнини, пак, ќе бидат понудени над 3.000 станови во Скопје, Охрид и Струмица од повеќе домашни и од една странска компанија, ќе бидат промовирани нови објекти, како и поволни услови за купување станови преку кредити од комерцијалните банки.
Прв пат оваа година ќе биде организирана и наградна игра за посетителите Награда за надоградба, со која на најсреќните посетители ќе се доделат вредносни ваучери од 700, 500 и 300 евра во денарска противредност, кои ќе можат да ги искористат за производи од програмата на изложувачите на Саемот на градежништво 2014.