Над 400 фирми, илјадници работници и милијарда фунти преселени од Велика Британија

391

Над 400 финансиски компании, илјадници работници и милијарда фунти се преселени од Велика Британија во Европската унија поради Brexit, а најлошото допрва доаѓа, покажува истражувањето на консултантската компанија New Financial.

“Мислиме дека тие проценки се конзервативни и очекуваме бројките со текот на времето да растат. На крајот на краиштата, се наоѓаме на крајот на почетната фаза на Brexit“, се вели во истражувањето.

Околу 7.400 работни места се преселени од Велика Британија или се отворени во новите финансиски центри во ЕУ. Банкарите предупредуваат дека некои планови за селење на работници се одложени поради ограничувањата за патувања во време на пандемија.

Од Велика Британија се преселени вкупно 440 компании, многу повеќе од очекуваното и значително повеќе од она што го покажало истражувањето во 2019 година, кога си заминале 269 компании.

Најмногу од компаниите се отселени во Даблин, вкупно 135, по што следи Париз, каде што заминале 102 компании, Луксембург привлече 95, Франкфурт 63, а Амстердам 48.

Банките преселиле или сè уште селат над 900 милијарди фунти имот од Велика Британија во ЕУ.

“Очекуваме Франкфурт да биде долгорочен ‘победник’ кога станува збор за имотот, а Париз ќе биде најголем добитник кога се во прашање работните места“, стои во истражувањето.

Амстердам во јануари му ја презеде на Лондон позицијата на најголем европски центар за тргување со акции.

Фото: Pexels