Над 6,9 милиони денари добивка за Мода од Свети Николе

87

Компанијата Мода од Свети Николе минатата 2019-та година ја заврши со вкупна сеопфатна добивка во висина од 6.943.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Во текот на 2018-та година, добивката на компанијата беше 5.102.000 денари.

“Остварената нето добивка е за 38% подобра од минатогодишната и е резултат на помалите расходи од работењето“, стои во Образложението кон постигнатите резултати.

Вкупните приходи од продажба, заклучно 31-ви декември лани, изнесуваа 224.940.000 денари. Поголемиот дел од тој износ или 198.654.000 денари е реализиран на странски пазари, додека остатокот од 26.286.000 е остварен на домашен пазар.

“Во текот на 2019-та година АД Мода Свети Николе оствари производни резултати кои се послаби од остварените во 2018-та година. Остварен е извоз на 999.615 конфекциски единици во вредност од 3.060.323 евра, што е за 7% помал од минатогодишниот. Помалото производство и помалиот извоз се резултат на намалениот број на работни часови од 5,2%, којшто произлезе од нередовното снабдување со репроматеријали од фирмата Хеинрих Катт и намалениот обем на работа… Во текот на годината, поради намалени порачки од Каса Мода, компанијата мораше да бара нови купувачи за да одржи капацитетот на производство. За прв пат отпочна производство на работна облека и женски блузи што предизвика намалување на продуктивноста во одредени фази“, стои во Образложението.

Главниот производ на компанијата се машки кошули, каде што вообичаено се произведуваат над еден милион парчиња.

Фото: Pexels