Над 66 милиони евра вложени во електроенергетскиот систем

23

mepso-logo

Македонскиот електропреносен систем оператор МЕПСО денеска одбележа 10 години од основањето откако во 2005 година беше формиран по трансформацијата на ЕСМ.

Во изминатиот 10-годишен период компанијата вложи 66 милиони евра во надградба на постоечката и во нова енергетска инфрастуктура со цел да се зголеми преносниот капацитет и да се подобри стабилноста и доверливоста на електропреносниот систем, пишува Миа.

Изградени се нови 137,5 километри далекуводи, а ревитализирани и реконструирани се 385,3 километри далекуводи. Како најголема поединечна инвестиција во преносната мрежа во источниот дел од државата реализирана во овој период е изградбата на трансформаторската станица Штип, која се наоѓа во непосредна близина на слободната економска зона кај Штип. Вложени се и 16 милиони евра за модернизација на работните процеси и за управување со електропреносниот систем.

“Од денешна перспектива кога ќе се сумира што се е направено и реализирано резултатите се импозантни. Колективот на МЕПСО работел макотрпно, посветено. Не било лесно бидејќи кога се работи има и непредвидливи и непланирани ситуации. Важно е дека се надминале и од нив се извлекле поуки, се збогатувало знаењето стекнувајќи нови искуства. Бројките покажуваат дека колективот на МЕПСО постигнал многу, имплементирал проекти, градел и модернизирал водови и енергетски објекти, спроведувал реформи, ги модернизирал работните процеси“, истакна генералниот директор на компанијата, Синиша Спасов.

Тој додаде дека најголема потврда за сите успеси е полноправното членство на МЕПСО во Европската асоцијација на преносни систем – оператори стекнато во декември 2008 година.

“Тоа членство значи дека нашиот глас е рамноправен со сите национални преносни систем – оператори од кои најголем број се оператори на системите на државите членки на Европската унија“, рече Спасов.

За следниот период тој најави реконструкција на 110 киловолниот далекувод Скопје – Тетово, завршување на градбата на 400 киловолтниот далекувод од Штип до македонско – српската граница, како и енергетско поврзување со Албанија.

По повод јубилејот компанијата има издадено монографија, а како општествено одговорна денеска додели вредносни ваучери во висина од по 500.000 денари на Детската клиника во Скопје и Институтот за белодробни заболувања Козле.

“Направивме голем чекор за најмалата популација и давате живот“, рече директорката на Детската клиника Аспазија Софијанова, заблагодарувајќи се за донацијата.