Над 70.000 граѓани примиле 577 милиони евра од странство во 2025 година

Во периодот од 2020 до 2026 година, Управата за јавни приходи (УЈП) евидентирала десетици илјади случаи на приливи од странство кај физички лица, при што само во 2025 година биле регистрирани 70.869 граѓани со вкупни приливи од 577 милиони евра, пренесе МИА.

Како што информираше директорката на УЈП, Елена Петрова, на денешниот брифинг со новинарите, во 2020 година биле испратени 11.527 известувања за можен оданочив доход. По направените анализи, 2.276 лица доброволно поднеле електронски пресметки, додека кај 3.637 лица обврската била утврдена по службена должност. Вкупно биле задолжени 5.913 лица, а кај 5.614 било утврдено дека станува збор за неoданочиви приватни трансфери. Утврдениот данок изнесувал 171,6 милиони денари, од кои досега се наплатени 30,4 милиони.

Во периодот до 2024 година продолжило пријавувањето на доход од странство, а дел од обврските биле утврдени врз основа на известувања од УЈП.

Во втората половина на 2024 година започнала системска анализа и вкрстување на податоците што банките ги доставуваат до Управата, што претходно не било обработувано на ваков начин.

– Според податоците на банките, во 2025 година 70.869 граѓани примиле приливи од странство во износ од 577 милиони евра. Не сите овие приливи се оданочиви. До сега се испратени 9.522 известувања, а 4.459 лица доброволно поднеле пресметки – истакна Петрова.

Таа појасни дека оданочувањето на доход остварен во странство не е нова обврска, туку дел од системот на самооданочување. Граѓаните имаат обврска самостојно да го пријават доходот, особено кога нема домашен исплатувач.

Од УЈП нагласија дека двојно оданочување не се применува доколку се достави доказ за платен данок во странство, согласно законите и меѓународните договори.

Посебен фокус бил ставен на специфични категории, како лица ангажирани во странски мисии и студенти кои работеле преку програми како „Work and Travel“, за кои се спроведуваат индивидуални анализи и се нуди можност за плаќање на рати.

Од Управата потенцираа дека пристапот е нерепресивен, со акцент на информирање и доброволно усогласување.