Центарот за развој на Североисточниот плански регион ќе добие над 7,2 милиони денари за 6 проекти од програмите за регионален развој.
Младен Поповиќ, раководител на Центарот, вели дека за 6 општини се одобрени 6 проекти преку програмите на Бирото за рамномерен регионален развој.
Во општина Крива Паланка ќе се создаваат предуслови за развој на туризмот преку реконструкција на патната инфраструктура во селото Конопница, за што се одвоени финансиски средства од над 1,2 милиони денари.
Вториот проект се однесува на општина Кратово, каде се одвоени 1,28 милиони денари за спроведување на втората фаза од проектот Адаптација на простор за мултимедијален регионален центар.
За проектот Бисламска клисура во Кумановскиот регион се одвоени 1,21 милиони денари за изработка на физибилити судија која ќе биде наменета за потенцијалните инвеститори.
Повеќе од 1,2 милиони денари се за Липково, каде е планирана изградба на фекална канализација, а во Старо Нагоричане е планирано да се реализира проектот за искористување на биомаса како обновлив извор на енергија.
Шестиот проект е зголемување на сознанијата за искористување на обновливите извори на енергија и подготовка на техничко-економска анализа за реализација на пилот-проекти за хибридни сончеви системи.