Над 800 експерти сметаат дека изборот на Бајден е “трошка“ надеж за глобалната економија

58

Меѓународни економски експерти проценуваат дека изборот на Џо Бајден за претседател на САД ќе го зајакне економскиот раст во нивните земји, покажува истражувањето на институтот IFO (Institute for Economic Research), спроведено меѓу 843 експерти од 107 земји.

Експертите очекуваат победата на демократскиот кандидат на претседателските избори во САД да го зголеми растот во 2021 година во просек за 1,16 процентни поени, се наведува во соопштението на IFO.

“По актуелната криза со коронавирусот и нејзините драстични ефекти, испитаниците наведуваат дека претседателството на Бајден може да биде трошка надеж за глобалниот економски развој во текот на следната година“, констатираат Николас Потрафке, директор на Центарот за јавни финансии и економска политика на IFO, и неговите колеги.

Меѓутоа, испитаниците во САД не очекуваат значителни промени во однос на растот во нивната земја, предвидувајќи вкупен позитивен ефект од само 0,98 процентни поени.

Потрафке истовремено посочува дека во периодот од 1949 до 2012 година, економскиот раст под демократските претседатели во САД бил за 1,79 процентни поени поголем отколку кај републиканските претседатели.

“Под претпоставка дека овој образец продолжува, тогаш погледот во минатото сугерира зголемување на стапката на раст во времето на демократот Бајден отколку во вториот мандат на републиканецот Трамп“, се наведува во студијата.

Првата половина на одговорите е добиена пет дена пред датумот на избори, а втората половина по претседателските избори во САД од осми до 13 ноември, прецизираат од институтот IFO.

Фото: Freepik