Над два милиони денари помош за отворање е-продавници на македонски компании

126

Четириесет домашни компании ќе добијат неповратна финансиска и советодавна помош во рамки на јавниот повик од иницијативата Ecommerce4All, којашто се реализира од страна на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Избраните апликанти ќе добијат помош за отворање на своја е-продавница со сопствено софтверско решение или како дел од постоечки локален онлајн пазар.

Вкупниот буџет за овој јавен повик изнесуваше 40.000 долари (2.240.000 денари). Истиот ќе биде распределен на 40-те избрани компании, односно 1.000 долари по апликант, од кои 50% финансиска помош и 50% консултантска помош од страна на избраните онлајн пазари или ИТ компаниите кои ќе ги изработуваат самостојните e-продавници.

На јавниот повик за само 10 денови беа пријавени повеќе од 200 компании, чии апликации беа оценувани од страна на комисија составена од експерти од областа на е-трговијата.

“Е-трговијата има клучна улога во развојот на економијата, особено во непридвлидливи времиња како овие кога компаниите се обидуват да ги одржат своите бизниси. Поддржувајќи ги компаниите да ги дигитализираат деловните активности, им помагаме да  генерираат приходи и да ги задржат своите работници. Тоа ја гради отпорноста на Северна Македонија кон негативните влијанија од КОВИД-19 и придонесува за зајакнување на економската одржливост на земјата“, изјави Ерик Јановски, Претставник на Канцеларијата на УСАИД во Република Северна Македонија.

Со овој повик, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се вклучува во напорите за подигнување на свеста и зголемување на понудата за е-трговијата во нашата земја.

“Како два клучни проблеми, кои беа мапирани и потврдени од двете годишни анализи за раст и развој на е-трговијата, се покажаа недоволната едукација и недоволната понуда во областа е-трговија. На едукација работиме веќе трета година и ќе продолжиме да работиме уште повеќе бидејќи тој пат е навистина долг и има уште многу работа. Преку оваа иницијатива дополнително ќе ги мотивираме компаниите да дигитализираат дел од своите услуги и да отворат нов или дополнителен продажен канал – e-продавница, кој ќе им овозможи да ја зголемат својата продажба и дигитално присуство, истовремено зголемувајќи ја понудата во е-трговијата во Северна Македонија“, велат од АЕТМ.

Резултатите од јавниот повик со избраните 40 компании кои ќе добијат поддршка се достапни на следниот линк, на веб страната на АЕТМ.