
Цените на нафтата пораснаа утрово, па затоа се на пат кон големи неделни добивки. На лондонскиот пазар, цената на барелот Брент се зголеми утрово за 0,21 проценти, на 95,65 долари, додека на американскиот пазар, цената на барелот се зголеми за 0,32 проценти, на 91,55 долари.
Во споредба со почетокот на неделата, цената на нафтата на лондонскиот пазар моментално е зголемена за околу 7 проценти, а на американскиот пазар за 9,8 проценти.
Доларот ослабе втор ден по ред
Од друга страна, на валутните пазари, вредноста на американската валута во однос на кошничката валути падна, бидејќи очекувањата во врска со зголемувањето на каматните стапки од страна на ФЕД во септември се намалија.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на шесте најважни светски валути, утрово е околу 99,03 поени, додека вчера во ова време беше 99,46 поени.
Во исто време, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 157,70 на 156,30 јени.
Американската валута исто така ослабе во споредба со европската, па цената на еврото достигна 1,1625 долари, додека вчера во ова време изнесуваше 1,1595 долари.












