Награди за најдобри општествено одговорни практики на компаниите

25

nagrada_opp_2011Во просториите на Александар Палас, денес ќе се одржи шестата по ред церемонија на доделување на Националната награда за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата, која е во организација на Министерството за економија заедно со националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата (ООП).

Од вкупно пријавените 66 проекти годинава, најголем број на компании, 43, се учесници во последните 5 години. Од нив 18 се мали/средни со вкупно 23 проекти и 25 големи претпријатија со вкупно 43 проекти во различни категории на општествена одговорност.

Повеќе од една третина од компаниите годинава доставија свои апликации за првпат, што говори дека наградата ја постигнува целта – да се прошири кругот на деловни субјекти што настојуваат да работат одговорно кон животната средина и социјалното опкружување.

Компаниите конкурираа во следните категории: oдноси со вработените, етичко управување, односи на пазарот, заштита на животната средина и вложување во заедницата. Во секоја категорија се доделува награда за големо претпријатија и награда за мало или средно претпријатие. Наградените се избрани од страна на стручни жири комисии составени од претставници на јавниот и граѓанскиот сектор.

Националната награда оваа година е дел од иницијативата поддржана од Европската комисија – Европски систем на наградување на општествена одговорност на претпријатијата. Со учеството во оваа иницијатива, која во Македонија ја спроведува Асоцијацијата за развојни иницијативи – Зенит, дел од достигнувањата и најдобрите практики на нашите претпријатија во оваа област ќе бидат претставени пред широката европска јавност.

Едно големо и едно мало или средно претпријатие чиишто практики имаат добиено најмногу бодови од жири комисиите, а кои стапиле во успешно партнерство со непрофитен субјект ќе бидат промовирани во Европски рамки преку иницијативата на ЕУ и ќе бидат претставени на европска свеченост што ќе се одржи на 25 јуни во Брисел.

Оваа награда има за цел да промовира општествено одговорно делување, како и да инспирира за воведување и понатамошно унапредување на општествена одговорност кај претпријатијата во Македонија.

Од 18 јануари до 11 март 2013, во организација на Националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија на Република Македонија беше објавен конкурс за доделување награди за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија, реализирани во текот на 2012 година.