Шест европски банки од декември најавија дека ќе отпуштат околу 8.400 вработени. Отпуштања беа најавени и во европската автомобилска индустрија, инженерство, технолошки компании и трговија. Овој тренд е резултат, пред сè, на високата инфлација и влијанието на војната во Украина.
Станува збор за банките Banco BPM, Barclays, BNP Paribas, Deutsche Bank, Lloyds и Societe Generale, пренесува Reuters повикувајќи се на официјалните изјави на самите банки. Во исто време, европската автомобилска индустрија најави отпуштање на повеќе од 21.500 вработени во компаниите Bosch, Continental, Forvia, Polestar, Stellantis и Volvo.
Најмногу отпуштања се очекуваат во следните две години во компанијата Forvia, околу 10.000, околу 6.200 во компанијата Bosch и околу 3.000 во Stellantis во Италија. За истиот период најавени се отпуштања на околу 4.370 вработени во индустрискиот и инженерскиот сектор, во компаниите Нибе Индустриер, Сандвик, Тата Стил во Холандија и Валмет.
Во малопродажниот сектор се најавени над 11.000 отпуштања поради падот на потрошувачката во Европа. Се очекуваат отпуштања во H&M, Sainsbury’s, Unilever и Barry Callebaut. Најмногу отпуштања објави „Унилевер“, околу 7.500.
Европскиот технолошки сектор се подготвува да отпушти повеќе од 14.600 вработени во Ericsson, Vodafone, Telefonica и SAP. Германската софтверска компанија SAP најави реструктуирање на 8.000 работни места, кои ќе бидат заменети со вештачка интелигенција.