Американското списание Форбс ја објави листата на најбогатите луѓе на Балканот според вредноста на акциите кои ги поседуваат, на која се најдоа имињата на петмина бизнисмени од Македонија.
Така според листата, најбогатиот бизнисмен во Македонија е Минчо Јорданов, сопственикот на Макстил, Бетон, Факом и на неколку други фирми.
По него на листата се Штерјо Наков, сопственик на Фершпед, Андреја Јосифовски, претседател на Управниот одбор на Макпетрол, Свето Јаневски, првиот човек на М6 и Живко Мукаетов, директор на најголемата фармацевтска компанија Алкалоид.
Сопственикот на хрватскиот концерн Агрокор, Ивица Тодориќ е најбогатиот бизнисмен на Балканот, според процените на магазинот, кој во составувањето на своите листи ги анализира вредноста на акциите што котираат на Берза.
На второ место на регионалната листа се најде Словенецот Санди Чешко, кој имотот го стекна преку продажба на душекот Дормео и Топ шоп продажбата. Трет на листата е Миодраг Костиќ, сопственикот на МК Групацијата, која е една од најуспешните во Србија.