Најчести лаги што ги слушаат инвеститорите

347

Умешниот и докажан претприемач Гај Кавасаки објави листа на 10 најчести лаги кои претприемачите им ги кажуваат на своите (потенцијални) инвеститори.

Човекот кој има прилично богато искуство во финансирање на почетни бизниси, ви препорачува да ги избегнувате овие најчесто изговорени невистини, ако сакате инвеститорите да ве сфатат сериозно и на крајот – да се одлучат да го потпомогнат вашиот бизнис.

Еве на што “чичковците кои имаат пари“ не паѓаат:

1. Нашите претпоставки се скромни – ако претпоставките за бројките ви беа навистина скромни, тогаш ќе можевте слободно да кажете дека се плашите дека бизнисот нема да успее. Ако се преправате дека нема ризик да пропаднете – знаеме дека не сте ја завршиле добро “домашната“.

2. Стево вели дека нашиот пазар ќе достигне 50.000 евра за две до три  години – тоа што го велат Стево, Перо, или било кој друг експерт не значи дека всушност и ќе се оствари. Дури и предвидувањето да е точно, некој ќе мора да засука ракави и малку да се испоти за тоа. Ништо не паѓа само од небо.

3. Неколку големи компании се спремни да работаат со нас – или компаниите имаат потпишано договор со вас, или немаат. Не постои средина. Бизнисот не функционира на “жими мајка“.

4. Никој не може да го прави тоа што ќе го правиме ние – ако немате конкуренција, тогаш најверојатно немате ни пазар. Никој не е сосема незаменлив, а вие молете се да имате конкуренција, и таа да се однесува ферски.

5. Одлучете се побрзо, затоа што и други инвеститори се заинтересирани за нас – тогаш зошто стоите тука и зборувате со нас?

6. Нашиот производ ќе биде ’хит’! – сите велат дека она што го нудат ќе стане хит… многу малку продукти всушност стануваат инстант – хит. Дури и сопствената мајка да ви е тотално воодушевена од она што го продавате – шансите ви се сепак минимални.

7. Поголемите компании се премногу големи, троми и глупави за да ни бидат достојни конкуренти – големите компании имаат премногу пари и доколку одлучат, можат да ве ’уништат’ уште на почетокот… тие се и причината поради која можеби и немаат некоја посериозна конкуренција.

8. Нашиот менаџмент тим е веќе докажан – ако вашиот бизнис е нов, тогаш никој не може да гарантира дека ќе успее – дури и ако се сите докажани професионалци. Инаку, зошто всушност би ви требале парите?

9. Нашиот производ е нов, нема ист таков на пазарот – доколку немате доволно пари да ги тужите оние кои имаат намера да го копираат она што го нудите, или да го патентирате и заштитите, тогаш не ослонувајте се премногу на новоста и иновативноста.

10. Сè што треба да направиме е да земеме ’само’ 1% од пазарот – ако сите компании успеваа да земат  ’само’ 1% од пазарот на кој што се натпреваруваат, тогаш пазарот ќе требаше да има 1.000.000 проценти.

Ако планирате да ги кажете овие реченици на вашите потенцијални инвеститори, подобро двапати размислете… Во најлош случај, тие ќе ви кажат дека истите ги слушнале и по 100-пати, а во најдобар – ќе ви кажат дека дента добро сте ги насмеале.

Фото: Freepik