Најголем увоз и извоз имаат компании со седиште во Скопје

101

Според седиштето на претпријатијата, најголем извоз во 2019 година е регистриран во Скопскиот Регион, 56,3%, а претпријатијата од овој регион имаат остварено и најголем увоз, 68,5%. Најмал обем на надворешнотрговска размена е остварен од претпријатијата со седиште во Североисточниот Регион, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Зад Скопскиот, се најде Вардарскиот регион со 12,4% учество во вкупниот извоз, а трет е Источниот регион со 10,2%. Од друга страна, региони во земјава со најмало учество во извозот се: Североисточен (0,8%), Полошки (2,1%) и Југозападен (3,6%).

Според дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика, во 2019 година, повеќе од 90% од вкупната стоковна размена на Република Северна Македонија е реализирана од претпријатијата вклучени во двата протока на стоки. Суфицитот во размената на стоки е генериран, главно, од претпријатијата што му припаѓаат на секторот Индустрија, а дефицитот од претпријатијата што му припаѓаат на секторот Трговија. Околу половина од вкупната вредност на извозот и на увозот е концентрирана во првите 50 претпријатија.

На страната на извозот, кај претпријатијата што се јавуваат како извозник и увозник истовремено, највисока вредност на извозот е реализирана од претпријатијата од секторот Индустрија (89,2% од вкупниот извоз). На страната на увозот се забележува истата појава, односно 56,7% од вкупниот увоз е реализиран од претпријатијата од секторот Индустрија што се јавуваат како увозник и извозник истовремено.

На страната на извозот, микропретпријатијата имаат најголемо учество во структурата според бројот на претпријатија (58,5%), а во создавањето на вкупната вредност во секторот Трговија учествуваат со 39%.

Големите претпријатија, покрај нивното незначително учество од 2,7% во структурата според бројот на претпријатијата, во создавањето на вкупната вредност во секторот Индустрија учествуваат со 80,4%. На страната на увозот, микропретпријатијата имаат најголемо учество во структурата според бројот на претпријатијата (68,6%), а во создавањето на вкупната вредност во секторот Трговија учествуваат со 25%.

Големите претпријатија, покрај нивното незначително учество од 1,5% во структурата според бројот на претпријатијата, во создавањето на вкупната вредност во секторот Индустрија учествуваат со 76,6%.

Најголемо учество во структурата на извозот имаат претпријатијата што ги извезуваат своите стоки на пазарите на земјите членки на ЕУ. Големите претпријатија во вкупната вредност на пазарот на ЕУ учествуваат со 81,3%. Пазарот на земјите членки на ЕУ се издвојува како најатрактивен и на страната на увозот. Половина од реализираната вредност на овој пазар (61,2%) е остварена од големите претпријатија.

Повеќе од 50% учество во вредноста на стоковната размена на страната на извозот се концентрирани кај првите 10 претпријатија, а на страната на увозот тој процент е реализиран во првите 50 претпријатија.

Најголемо учество во структурата на извозот имаат претпријатијата што ги извезуваат своите стоки на пазарите на земјите членки на ЕУ. Претпријатијата што му припаѓаат на секторот Индустрија имаат најголемо учество и според бројот на претпријатијата (46,4%) и според реализираната вредност (93,3%).

Пазарот на земјите членки на ЕУ се издвојува како најатрактивен и на страната на увозот. Според нивниот број, 45,2% од претпријатијата припаѓаат во секторот Трговија, а според реализираната вредност, со 61,7% учествуваат најмногу претпријатијата од секторот Индустрија.

Претпријатијата чиј интензитет на извозот е во интервалот до 24%, во структурата на стоковната размена имаат најголемо учество и според бројот на претпријатија и според реализираната вредност. Ова укажува дека претпријатијата се ориентирани повеќе кон домашните пазари.

Најголемо учество од 45,6% во вредноста на извозот е реализирано од претпријатијата што имаат 20 или повеќе земји партнери, а на страната на увозот најголемо учество од 63,7% во вредноста е реализирано од претпријатијата што имаат 20 или повеќе земји партнери.

Производите на преработувачката индустрија и на двете страни имаат најголемо учество во стоковната размена и се реализирани од претпријатија во секторот Индустрија.

Фото: Pixabay