Најголеми добитници и губитници меѓу милијардерите

49

Најбогатите меѓу богатите стануваат уште побогати. Ова беше фантастична година за зголемување на нивното богатство. Петте добитници оваа година си додадоа околу 112 милијарди долари на нивните сметки, пишува Forbes.

Тоа е скоро двојно повеќе во однос на 2018 година, кога богатството на петте најголеми богаташи се зголеми за 48 милијарди долари.

Според Forbes, добитници меѓу богаташите се:

Бернард Арно – сопственик на групацијата LVMH, под чија капа има повеќе од 70 брендови. Тој на својата сметка си додаде уште 40 милијарди долари, па сега располага со 107,7 милијарди.

Втор добитник е основачот на Facebook, Марк Цукерберг. Тој успеа својата сметка да ја “набилда“ за 22 милијарди долари и сега има 72 милијарди долари.

Сопственикот на групацијата Inditex, познат по брендот Zara, Армансио Ортега, сега е побогат за 17,3 милијарди долари и има богатство што вреди 74,9 милијарди долари.

За 16,3 милијарди долари порасна и богатството на Стив Балмер, поранешен главен извршен директор на Microsoft. Сега тој располага со 56,3 милијарди долари.

Петтиот меѓу добитниците е Мукеш Амбани, кој е активен во повеќе бизниси, меѓу кои нафта, гас, телекомуникации и трговија, успеа да инкасира 16,1 милијарди долари и да дојде до богатство од 61,4 милијарди долари.

Како лузери оваа година ја завршуваат овие пет милијардери:

Индиецот Азим Премји сега има богатство од 7,2 милијарди долари, што е за 14,1 милијарди помалку.

Основачот на Amazon, Џеф Безос се најде на оваа листа бидејќи неговото богатство од 109,7 милијарди долари е “потенко“ за 13,1 милијарда долари.

Уште еден Индиец се најде на оваа листа. Тоа е Субхаш Чандра, претседател на конгломератот Essel Group, кој има 660 милиони долари, а загуби 3,4 милијарди долари оваа година.

Четвртиот губитник е поранешниот главен и извршен директор на Uber, Тревис Каланик, кој сега има 2,8 милијарди долари на својата сметка или 3,1 милијарда помалку.

Листата на губитници се заокружува со Јан Жи, главен на Zall Smart Commerce Group, кој загуби три милијарди долари од својата сметка и сега има “само“ 2,1 милијарда долари.

Фото: Pexels