Најголемиот кинески производител на електрични автомобили на пат да ја престигне Тесла

28

Кинеските производители на електрични автомобили рапидно растат. Најголем меѓу нив е „BYD“, кој во првите девет месеци од годинава практично се изедначи со бројот на продадени возила во светот со американската „Тесла“. Таа кинеска компанија токму овие денови почнува да ги освојува јапонскиот и северноамериканскиот пазар.

Меѓу економистите кои ја следат автомобилската индустрија во Источна Азија, најголема вест во последните денови е фактот што во третиот квартал од оваа календарска година, кинескиот производител на електрични возила „BYD“ речиси се израмни со најпознатиот светски производител – американскиот Tesla во однос на бројот на продадени автомобили низ светот.

Имено, „Тесла“ во третиот квартал продаде околу 435.000 возила ширум светот, додека кинеската компанија ги предаде клучевите од 431.603 свои автомобили на новите сопственици.

Се разбира, најголемиот домашен пазар на BYD е Кина (каде што продаде над 1,8 милиони свои возила во првите девет месеци), но значителни продажни резултати беа забележани и во Југоисточна Азија, земји како Тајланд и Сингапур, а потоа и во Шведска. Австралија, Нов Зеланд, Бразил и Израел.

Во последните години „Тесла“ оствари најголема продажба во својата земја (околу 522.000 возила во 2022 година). Сепак, треба да се напомене дека во Кина има огромна фабрика во Шангај, која започна со работа во 2019 година и произведува над 750.000 автомобили годишно, а сега држи осум отсто од вкупниот пазар на електрични автомобили во таа земја со над 430.000 продадени возила во првите девет месеци оваа година.