Најмногу енергија од обновливи извори во Европа се користи во Австрија и Шведска

145

Производството на електрична енергија од обновливи извори се зголемило за речиси пет отсто за само една година, од 2020 до 2021 година, објави Евростат.

Во исто време, според официјалната веб-страница за статистика на ЕУ, бруто потрошувачката на електрична енергија се зголеми главно поради економското закрепнување по укинувањето на ограничувањата поради пандемијата на корона вирусот.

Како резултат на тоа, учеството на обновливите извори на енергија во бруто потрошувачката на електрична енергија во ЕУ се зголеми за само 0,1 отсто, од 37,4 отсто во 2020 година на 37,5 отсто во 2021 година, пишува весникот Данас.

Енергијата на ветерот и хидроенергијата сочинуваат повеќе од две третини од вкупната електрична енергија произведена од обновливи извори – 37 и 32 проценти, соодветно. Преостанатата една третина доаѓа од соларна енергија (15 проценти), цврсти биогорива (7 проценти) и други обновливи извори (8 проценти).

Сончевата енергија е најбрзо растечки извор, бидејќи во 2008 година таа учествуваше со само еден процент од потрошената електрична енергија во ЕУ.

Најмногу енергија од обновливи извори во Европа се користи во Австрија и Шведска. Во текот на 2021 година, повеќе од три четвртини од бруто потрошувачката на електрична енергија во Австрија (76,2 отсто) била од обновливи извори, пред се хидроцентрали, додека во Шведска таа била 75,7 отсто.

Следува Данска, каде 62,6 отсто од енергијата е од обновливи извори, главно ветер, во Португалија, 58,4 отсто од потрошената енергија е од обновливи извори, најмногу ветер и хидро, а во Хрватска 53,5 отсто.

Од друга страна, најмал удел на електрична енергија од обновливи извори е забележан во Малта (9,7 отсто), Унгарија (13,7 отсто), Луксембург (14,2 отсто), Чешка (14,5 отсто) и Кипар (14,8 отсто).