Истражувањето спроведено од агенцијата Рејтинг во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Државната комисија за спречување на корупција покажало дека вработените во приватниот сектор во Македонија најчесто се жалат на корупција во областа на градежништвото и во трговијата.
Истражувањето беше спроведено од 15 до 19 мај годинава на репрезентативен примерок на вработени во приватниот сектор, при што се опфатени и сопственици и менаџери на раководни позиции, односно на вкупно 800 испитаници на ниво на Република Македонија.
Никола Спасов од Рејтинг пред одржувањето на јавната дебата за резултатите од истражувањето зборуваше за тоа како граѓаните гледаат на корупцијата во приватниот сектор и квалитативната анализа за превентивните мерки.
“Според истражувањето како најчеста форма на корупција или неетичко однесување се користат политичките или бизнис врските за добивање државни тендери или бизнис од страна на државата”, изјави Спасов.
Претседателот на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Ѓорѓи Сламков изјави дека резултатите од овие анализи претставуваат дополнителна мерка за поддршка на активностите утврдени во делот на приватниот сектор на Државната програма за превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси 2011-2015, како и можност да се дефинираат идните активности за спречување на корупцијата во оваа област.
“Од резултатите ќе треба да бидат извлечени низа заклучоци, за мерките и активностите за оваа програма, значи да бидат утврдени некои нови насоки во кој правец понатаму да се продолжи. Потребно е да постои поостра казнена политика за изрекување мерки за некои кривични дела. Сметам дека конфискацијата треба да биде изрекувана повеќе како мерка од страна на нашите судови, особено проширената конфискација. Кога на некој ќе му ги земете материјалните дела стекнати со кривично дело, тогаш ќе се зајакне и борбата со корупцијата”, рече Сламков.
Шефот на Одделот човекова димензија во Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Маркус Ролофс рече дека ОБСЕ гледа на корупцијата како нешто што ја загрозува стабилноста, безбедноста и развојот.
Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија изјави дека во државава нема ниту раст, ниту намалување на индекстот на корупцијата. Тој додаде дека компаниите малку знаат за Комисијата за заштита на конкуренција каде, како што рече, се спречуваат штетните договори за јавни набавки.
“Се уште мора корпоративната заедница да учи како треба да се спречи на етички начин корупцијата во водењето бизнис. Корупцијата е навлезена во образованието, градежништвиото, дури и во земјоделието, а во зависност од потребата за профит ја менува формата, односно го менува секторот”, изјави Бошков.