Најниско производство на автомобили во Велика Британија во последните 65 години

72

Производството на автомобили во Велика Британија падна за 37,6 проценти во јули, на 53.438 единици, во споредба со истиот месец минатата година, што е најниско месечно производство во последните 65 години, покажаа во петокот податоците на Британската асоцијација на производители и дилери на автомобили (SMMT).

Падот се должи на пандемијата „ковид-19“ и глобалниот недостаток на електронски микро-кола, забележува SMMT.

Секој четврти автомобил што излезе од склопувачката линија во Британија во јули беше електричен или хибриден.

Според прогнозите на SMMT, оваа година во Обединетото Кралство ќе се произведуваат нешто повеќе од милион автомобили, околу 16 проценти повеќе од минатата година, а во 2022 година би требало да има 1,1 милион, што е помалку отколку во 2019 година кога се произведени 1,3 милиони автомобили.

Извршниот директор на SMMT, Мајк Хавес, вели дека британските производители на автомобили и натаму се соочуваат со големи тешкотии, а продолжувањето на производството е попречено од глобалниот недостиг на делови.

Тој ја повика владата да ги задоволи потребите на индустријата и да ги намали даноците.