Најскапи градови во светот

51

Многумина сонуваат да живеат во голем град и да го доживеат гламурот што во себе го носат метрополите. Но, повеќе од познато е дека големите градови се и прилично скапи за живот, особено ако стане збор за Хонгконг, Париз или Цирих, коишто се најскапите градови во светот, според анализата на The Economist.

Најновото истражување за индексот на трошоци за живот покажува дека пандемијата влијаела на цените на производите и услугите во повеќе од 130 градови до септември оваа година, пренесува CNBC.

Според извештајот, скокот на Цирих и Париз на првото место се должи на силината на швајцарскиот франк и еврото.

“Пандемијата што ја предизвика Ковид-19 придонесе за ослабнување на американскиот долар, додека западноевропските и северноазиските валути зајакнале, што ги зголеми цените на производите и услугите“, вели Упасана Дут, шефица на истражувањето.

Како параметар за пресметка на индексот се земале трошоците на живот во Њујорк.

“Азиските градови традиционално доминираа во рангирање на изминатите години, но пандемијата направи промена на оваа ранг листа“, вели Дут.

Во Сингапур, којшто сега е на четврто место, има пад на цените поради селење на странските работници.

“Бидејќи популацијата на овој град – држава се намали за првпат по 2003-та година, се намали и побарувачката и настапи дефлација. Сличен тренд има во Осака, каде што стагнира потрошувачката, а јапонската влада ги субвенционира цените на јавниот превоз, на пример“, се напоменува во извештајот.

Осака го дели петтото место со Тел Авив меѓу 10-те најскапи градови во светот, а по нив следат: Женева и Њујорк, Копенхаген и Лос Анџелес.

Фото: Freepik