Најскапиот лимон на светот се одгледува во Албанија

527

Најскапиот вид лимон во светот се одгледува во градот Љушња во средишна Албанија. Сортата „Citrus australasica“ е позната и под името „кавијар лимон“ или „прст лимон“ (‘caviar lime’, ‘finger lime’), потекнува од Австралија и се продава по 87 евра за килограм по нарачка во познатите ресторани во Европа, објави Албанската радио-телевизија.

Љушња е единствената област од ова поднебје каде што австралискиот микроцитрус се приспособил на почвата и климата. Земјоделецот Клодијан Хида првите лимони од оваа сорта почнал да ги одгледува пред пет години во село близу Љушња, а првично родот го користеле тој и неговото семејство. Хида засадил 270 корени од три подвида „лимон кавијар“. Плодот е исклучително баран на странскиот пазар, особено во Италија и во Франција.

Овој лимон се разликува од тукашните лимони по тоа што од него не се цеди сок, туку се вади месестиот дел од плодот што е направен од влакна. Тоа се користи во разни салати, јадења од риба, како и за правење десерти.

Албанските ресторани сѐ уште не ја користат оваа сорта лимони поради високата пазарна цена.