Највисоките плати во регионов се во Словенија, најниските во Македонија

44

Фото: Pixabay

Словенија со остварен месечен нето приход од 1.077,77 евра за мај годинава е држава во регионот со највисоки примања, пишува BiznisInfo. Истовремено, тоа е единствената земја која го надминува просекот од 1.000 евра.

Просечната плата во Хрватска за мај достигнала вредност од 866,95 евра (6.352 куни), во Црна Гора за јуни изнесувала 511 евра, во Босна и Херцеговина просечната нето плата во петтиот месец од годината била 448,59 евра (881 конвертибилни марки), а во Србија 426 евра (50.377 динари).

Најниската нето плата исплатена во мај 2018 година во регионов е во Македонија и тоа 399,28 евра (24.509 денари).

Инаку, ако се спореди растот на платите во однос на порастот на потрошувачките цени, се добиваат и други показатели. Така на пример, во Црна Гора во јуни платите се намалиле во однос на мај за 0,2%, но во однос на истиот месец лани, сепак има зголемување од 0,2%. Во Хрватска просечната месечна исплатена нето плата за мај номинално пораснала за 2,1%, но реално за 1,7% во однос на април 2018 година итн.

Она што е интересно е дека просечната исплатена месечна плата најмногу пораснала во Хрватска и тоа за 71,42 евра во однос на крајот на 2017 година.

Просечната плата во Србија во однос на платите од претходната година пораснала за 29,71 евра, а во Словенија за 21,30 евра.

Во Македонија просечната нето плата во однос на минатата година пораснала за скромни 17,38 евра, додека во Бих за 12,46 евра.

Единствено во Црна Гора нивото на просечната плата не се променило, односно се задржало на истото ниво од 511 евра.