Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупниот број на говеда во Македонија во минатата година во споредба со 2011 е намален за 5,3%.
Кај индивидуалните земјоделски стопанства бројот на говедата е намален за 4,5%, а кај деловните субјекти (земјоделските претпријатија и земјоделските задруги) е евидентирано намалување за 29,7%.
Во 2012 година, во споредба со 2011, бројот на свињите кај деловните субјекти е намален за 23,3%, а кај индивидуалните земјоделски стопанства за 1,8%. Намалување на бројот на овците за 3,4% е забележано кај индивидуалните земјоделски стопанства, а кај деловните субјекти бројот е намален за 27,8%.
Регистрирано е и намалување на бројот на козите кај индивидуалните земјоделски стопанства за 12%, а кај деловните субјекти за 48,1%.
Бројот на живината кај индивидуалните земјоделски стопанства во 2012 година, во споредба со претходната година, е зголемен за 0,4%, но кај деловните субјекти е намален за 26,6%.
Производството на кравјо млеко минатата година изнесува 349.769.000 литри што е за 7% помалку во однос на 2011 година.
Зголемување на производството од 52,1% во 2012 година е забележано кај овчото млеко, додека кај производството на козјо млеко е забележано намалување за 4,6% во однос на претходната година.
Вкупното производство на месо е зголемено за 6,9% при што производството на свинско и живинско месо е во пораст, а производството на говедско и овчо месо бележи пад. Од другите добиточни производи, во 2012, во однос на 2011 година, забележано е намалено производство на јајца и мед.