
Вредноста на увозот на енергетски производи во Европската Унија се намали за 13 проценти во вториот квартал од 2025 година во споредба со вториот квартал од 2024 година, додека количината остана речиси иста, објави Европскиот завод за статистика, Евростат.
Во вториот квартал од 2025 година, САД беа најголемиот увозен партнер на ЕУ за течен природен гас и јаглен, додека Норвешка беше најголемиот увозен партнер на ЕУ за гасовит природен гас и нафтени масла.
„Анализата на најновите податоци покажува пад од 12,7 проценти во вредноста на увозот во вториот квартал од 2025 година во споредба со истиот квартал од 2024 година. Ова го продолжува трендот од 2022 година. Во тој период, нето-масата беше речиси непроменета (-0,1 процент). Во споредба со 2024 година, вредностите се намалија за 16,4 проценти, додека нето-масата се намали за 7,2 проценти“, според Евростат.
Учеството на енергетските производи во вториот квартал од 2025 година се намали за 2,5 процентни поени во споредба со истиот квартал од 2024 година. Поделбата по производи покажува дека помеѓу вториот квартал од 2024 и 2025 година, уделите на течниот природен гас и природниот гас во гасовита состојба се зголемија, додека уделите на нафтените масла и јагленот се намалија.
Во вториот квартал од 2025 година, обемот на течен природен гас се зголеми за 11,3 проценти во споредба со претходниот квартал и беше за 112,9 проценти повисок од првиот квартал од 2021 година.
„Зголемената популарност на течниот природен гас може да се објасни со одредени фактори, како што се леснотијата на транспорт, поголемата ефикасност и почистата употреба во споредба со другите извори на енергија. Обемот на природен гас во гасовита состојба (+4,2 проценти) исто така се зголеми во овој период. Спротивно на тоа, обемот на јаглен (-9 проценти) и нафтени деривати (-0,7 проценти) се намали, при што второто главно се должи на намалување на обемот“, се вели во анализата на Евростат.
Што се однесува до нафтените производи, забраната на ЕУ за увоз на руска сурова нафта по море стапи во сила на 5 декември 2022 година, а ембаргото за рафинирани нафтени производи стапи во сила на 5 февруари 2023 година. Поради овие мерки, Русија повеќе не е меѓу седумте главни партнери во прикажаните периоди. Во вториот квартал од 2025 година, најголемите партнери беа Норвешка (15,2 проценти), Соединетите Американски Држави (14,2 проценти) и Казахстан (12,7 проценти).
Норвешка беше најголемиот снабдувач на природен гас во гасовита состојба за ЕУ во вториот квартал од 2025 година, со удел од 50,8 проценти. По неа следат Алжир (17,8 проценти) и Обединетото Кралство (12,1 процент). Во споредба со вториот квартал од 2024 година, уделот на Норвешка се зголеми за 7,2 процентни поени. Спротивно на тоа, уделот на Русија се намали за осум процентни поени во тој период.
„Во вториот квартал од 2025 година, Соединетите Американски Држави (57,7 проценти) беа најголемиот снабдувач на течен природен гас за ЕУ. По нив следуваат Русија (12,9 проценти), Алжир (7,4 проценти) и Катар (7,1 процент). Во споредба со вториот квартал од 2024 година, уделот на Соединетите Американски Држави се зголеми за 8,1 процентен поен. Спротивно на тоа, уделите на Русија (-3,5 проценти) и Алжир (-3,7 проценти) се намалија во тој период“, се наведува во анализата.
Во вториот квартал од 2025 година, Соединетите Американски Држави (35,3 проценти) беа најголемиот снабдувач на јаглен за ЕУ. По нив следуваат Австралија (33,2 проценти) и Колумбија (12,5 проценти). Во споредба со вториот квартал од 2024 година, учеството на Колумбија се зголеми за седум процентни поени. Спротивно на тоа, учеството на Австралија се намали за 6,9 процентни поени во тој период.
Увозот на нафтени масла се намалува и во вториот квартал од 2025 година покажува намалување на вредноста од 25,6 проценти во споредба со вториот квартал од 2024 година. Во истиот период, обемот се намали за само 6,4 проценти.