Намалена невработеноста во Европа, Чешка е лидер

167

Стапката на невработеност во еврозоната благо падна на 7 отсто во декември минатата година, од 7,1 отсто во ноември, покажуваат сезонски прилагодените податоци, објави европската статистичка агенција Евростат.
Во однос на декември 2020 година, стапката на невработеност во монетарниот блок е намалена за 1,2 процентни поени, покажуваат информациите на веб-страницата на Евростат, пренесува Танјуг.

Во Европската унија, стапката на невработеност исто така се лизна за 0,1 процентен поен на 6,4 отсто на месечно ниво во декември, а опадна за 1,2 отсто во однос на декември 2020 година, кога изнесуваше 7,5 отсто.

Најниски стапки на невработеност меѓу членките на ЕУ се регистрирани во Чешка во декември со само 2,1 отсто и во Полска со 2,9 отсто, додека највисоки се забележани во Шпанија, 13 отсто и Грција со 12,7 отсто.

Евростат проценува дека во декември во ЕУ имало 13,6 милиони невработени мажи и жени, од кои речиси 11,5 милиони се во еврозоната.

Споредено со ноември 2021 година, бројот на невработени е намален за 210.000 лица во ЕУ и за 185.000 во еврозоната.

Споредено со декември 2020 година, бројот на невработени во ЕУ е намален за 2,19 милиони, а во еврозоната за 1,8 милиони.