Намалено индустриското производство во јануари

22

industrisko-proizvodstvo-rabotnik-pixabay

Фото: Pixabay

Индустриското производство во јануари оваа година, во споредба со истиот период лани, е намалено за 2,6%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јануари 2017 година, во однос на јануари 2016 година, бележи опаѓање од 7,2%, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 3,6%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 10,6%.

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Производство на облека, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерали и Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и уреди.

Според главните индустриски групи, производството во јануари 2017 година, во однос на јануари 2016 година, бележи пораст кај Енергија за 6,1%, Капитални производи за 7,4% и Трајни производи за широка потрошувачка за 20,9%, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 3,8% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 11,3%.