Намалување на трошоците на живот и цените на мало во јуни

14

Трошоците на живот во јуни оваа година во однос на претходниот месец бележат намалување од 0,2%, додека цените на мало во истиот период се намалиле за 0,4%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Намалувањето на трошоците на животот од 0,2% во јуни е резултат на пониските индекси на свежиот зеленчук за 5,5%, свежото млеко за 1,3%, мастите за 1%, сувото овошје за 0,9%, киселото млеко за 0,7%, конзервираните месни производи за 0,5%, житото за 0,4%, сувомеснатите производи за 0,3%, полутрајните колбасичарски производи и конзервираниот зеленчук за 0,2%.

Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 3,8%, пакет – туристичките аранжмани за 3,1%, телефонските и факс – апарати и услуги за 2,1%, информатичката опрема за 1,6%, апаратите за домаќинствата за 0,8%, гасот за домаќинствата за 0,5%, обувките за 0,4%, средствата за чистење и одржување на станот за 0,3% и други услуги за 0,2%.

Пораст на индексот на трошоците на животот во јуни 2014 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај јајцата и алкохолните пијалаци за 0,9%, свежото овошје за 0,8%, трајните колбасичарски производи, преработките од млеко и замрзнатиот зеленчук за 0,5% и рибата за 0,2%.

Во јуни, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај лековите за 2,4%, течните горива за домаќинствата за 1,6%, услугите за сместување за 0,9%, течните горива и мазива за домаќинствата за 0,8%, облеката за 0,4%, материјалите за одржување и поправки на станот за 0,3% и пијалаците во рестораните и хотелите и средствата за лична хигиена за 0,2%.

Трошоците на животот во јуни 2014 година, во споредба со јуни 2013 година, бележи намалување од 1,1%, а цените на мало бележат намалување од 1,4%.