Наплатата за влез во Венеција започна, но не важи за сите туристи

24

Венеција денеска стана првиот град во светот кој воведе систем за билети за туристи, во обид да го намали метежот што го задушува градот за време на шпицот на празничната сезона.

Секој посетител на Венеција кој нема да преноќи во градот мора да купи онлајн билет денес, 25 април, кој чини пет евра, пред да влезе во градот на лагуната. Тоа е прв од вкупно 29 дена годинава кога на посетителите ќе им се наплаќа влез.

Иако нема бариери на влезовите во градот за да се осигура дека сите луѓе имаат пропусници, инспекторите ќе вршат проверки по случаен избор и ќе изрекуваат казни од 50 до 300 евра за секој што нема да се регистрира.

„Никој досега не вовел ваков систем“, изјави градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруниаро на новинарите претходно овој месец. Тој изјави дека не го затвораат градот, туку само се обидуваат да го направат добар за живеење.

Околу 20 милиони луѓе ја посетија Венеција минатата година, рече Бруниаро, а околу половина од нив престојуваа во хотели или апартмани. Во градот моментално живеат околу 49.000 луѓе.

Венеција за малку избегна да биде ставена на листата на загрозено светско наследство на УНЕСКО минатата година, делумно поради тоа што телото на ОН заклучи дека властите во градот сериозно го сфаќаат проблемот со масовниот туризам.

Покрај влезната такса, градот забрани влез на големи бродови за крстарење во венецијанската лагуна и најави нови ограничувања за големината на туристичките групи.

Феноменот на масовен туризам е предизвик за сите европски туристички градови“, изјави претставникот на градскиот туризам Симон Вентурини. „Но, бидејќи Венеција е помала и почувствителна, таа е уште повеќе погодена од овој феномен и затоа е принудена да преземе мерки пред другите за да се обиде да најде решение“, додаде тој.

Продажбата на билети оваа година е во експериментална фаза, а Вентурини рече дека во иднина Венеција може да почне да наплаќа повеќе во одредени периоди од годината за да ги обесхрабри пристигнувањата на туристите.