Направени списоци за тутунарите и количеството на тутун

38

Сојузот на тутунските здруженија на барање на Државниот земјоделски инспекторат направи списоци со бројот на тутунари и количествата тутун кои се јавуваат како вишок од ланската реколта тутун.
“Ги информиравме земјоделците да се запишат на списоците. Да ги внесат броевите на договорите склучени со откупувачите и количествата тутун кои се јавуваат како вишок. Ги заокружуваме списоците и тие се доставуваат до Министерството за земјоделство”, вели Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунските здруженијана Македонија.
Според евиденцијата, во Прилепско има околу 36 тони, а во Пелагониско околу 340 тони вишок тутун.
“Во Прилепско се околу 36.000 килограми тутун, односно 36 тони што не е голема бројка. Ако зборуваме глобално, во Пелагонија има околу 340 тони вишок тутун од околу 500 тутунопроизводители”, објаснува Милески.
Според Сојузот, во земјава има околу 500 тони тутун вишок.
“Најмногу има од 450 до 500 тони тутун кој откупните фирми го сметаат за вишок иако реално не е тоа. Пред се зашто 10-те откупни претпријатија во Министерството за земјоделство пријавија 35.000 тони од ланската реколта, а производството е вкупно 30.000 тони и ништо повеќе”, вели Милески.
Тој смета дека не треба да остане вишок тутун и целата реколта ќе се откупи.
“Најголемите од вкупно 10-те откупни компании најавија дека ќе го преземат тутунот кој, според нив, се јавува како вишок”, додаде Милески.
Официјално, откупот на тутунот трае до 15-ти март.