Народна банка ја зголеми проекцијата за инфлација

36

Народната банка направи умерена нагорна корекција на проекцијата за инфлација на 3,1 процент од априлските 2,2 проценти, а за следната година очекува таа да изнесува 2,4 проценти. И покрај енергетската криза и глобалниот раст на цените, засега не се очекуваат шокови. Според меѓународните финансиски институции, следната година треба да се стабилизира енергетскиот сектор.

Од Народната банка велат дека будно ја следат ситуацијата и доколку е потребно ќе се интервенира со инструментите што им стојат на располагање за да се задржи макроекономската стабилност.

„Будно ги следиме состојбите особено кај енергетскиот сектор и кај глобалниот раст на цените, но засега не се очекуваат шокови. Се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки“, рече гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на вчерашната прес-конференција на која беа презентирани најновите макроекономски проекции.

Народната банка очекува закрепнување на македонската економија со раст од 3,9 проценти за оваа и за следната година, додека на среден рок се очекува умерено забрзување. Дефицитот се очекува да остане во умерени рамки на ниво од 3,8 проценти, а на среден рок да изнесува околу два проценти од БДП, слично на преткризното ниво.

Ризиците за растот се претежно надолни, но според алтернативното сценарио, со кое се предвидува помала странска побарувачка, поголема воздржаност од потрошувачка и инвестиции на домашните субјекти, растот би бил помал во просек од 1,2 процентни поени за периодот 2022-2023 година. Како позитивен ризик, пак, се сметаат ефектите од Планот за забрзан економски раст кој не е земен предвид во проекциите.

Од друга страна, Државниот завод за статистика излезе со информација дека во октомври се зголемени трошоците на живот за 0,5 проценти во однос на септември, а за 4,1 процент во споредба со октомври лани, додека цените на мало се задржале на исто ниво како и во септември, но се зголемени за 6,1 процент во однос на октомври минатата година.