Нарoдната банка го поддржа нашиот тим за учество на Меѓународната економска олимпијада што донесе бронзен медал

75

Заради јакнење на финансиската писменост на населението од сите старосни категории и профили, Народната банка презема иницијативи и активности на повеќе полиња. Меѓу нив е и поддршката преку подготовка на нашите ученици претставници на Меѓународната економска олимпијада, од кои ученикот Давид Ставров освои бронзен медал. Меѓународната економска олимпијада e престижен меѓународен натпревар по економија за учениците од средните училишта, којшто се одржува од 2018 година наваму, а годинава се одржа од 25 јули до 2 август 2023 година во Грција. Целта на овој настан е преку натпревар да се зајакнат знаењата на учениците од областа на економијата, а воедно да се поттикне и натпреварувачкиот дух и меѓународното поврзување на младите.

Наши претставници на овогодишната олимпијада, покрај Ставров, кој е ученик во IV година во ПСУ „Алгоритам”, Скопје, се и Стефанија Кузмановска, III година во Математичко-информатичката гимназија, Скопје; Рина Толева, IV година во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен”, Скопје и Давид Арсовски, IV година во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен”, Скопје. Овие ученици освоија најдобри резултати на Државната економска олимпијада, којашто се одржа на 31 мај 2023 година, наменета за поттикнување и продлабочување на знаењата кај младите од областа на економијата, финансиите, бизнисот и примената на математичките модели во економијата.

Народната банка зеде активно учество во подготвителните активности на учениците за учество на Олимпијадата, преку одржување серија предавања за учениците во просториите на централната банка: „Да се запознаеме со Народната банка”, „Монетарна политика”, „Лични финансии”, „Платежни инструменти – Современи начини на плаќање”, „Анализа на економските показатели со посебен осврт на коефициентот на Џини”, како и дополнителни презентации според барањата на учениците за дополнување на знаењата и одговори на разните модули на вежби и едукативни игри за Олимпијадата. Овие предавања се дел од потпишаниот Меморандум за соработка во доменот на финансиската едукација, за потребите на Меѓународната економска олимпијада, помеѓу Народната банка и Сојузот на математичари. Целта на соработката со Сојузот е откривање, поддршка и поттикнување на натпреварувачкиот дух на учениците со особен талент и знаења од областа на економијата, финансиите и бизнисот.