Народната банка и ЕБОР заеднички работат на олеснување на пристапот до финансии за жените претприемачи

Народната банка и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку Кодексот за финансирање на жените претприемачи во земјава, работат на зголемување на финансиската вклученост на жените претприемачи, преку активности за олеснување на пристапот до капитал, поддршка на развојот на вештините и знаењата, како и следењето на трендовите преку статистички податоци. Во рамките на мисијата на ЕБОР за спроведувањето на Кодексот во нашата земја, беше одржана средба помеѓу тимот на Народната банка предводен од гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и тимот на ЕБОР, предводен од Фатих Туркменоглу, постојан претставник на ЕБОР во Македонија.

Целта на оваа мисија е согледување на можностите за обезбедување соодветни податоци како основа за анализа на родовите јазови во пристапот до финансии кај микропретпријатијата, малите и средните претпријатија и зголемување на свесноста за поддршката којашто треба да ја обезбеди Кодексот помеѓу сите релевантни институции во земјава. На состанокот се разговараше и за зајакнување на процесот на обединување на напорите на регулаторите и на давателите на финансиски услуги со цел да се прошират можностите за финансирање на жените претприемачи.

„Народната банка активно работи на едуцирање на корисниците на банкарски услуги, што придонесува за подобар пристап до финансии на сите субјекти, вклучително и на жените претприемачи. Финансиската едукација на жените, како и финансиската вклученост на малите и средните претпријатија се дел од активностите предвидени со Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија. Дополнително, Народната банка ќе работи на збогатување на статистиката за пристап до финансиите на компаниите кои се во сопственост на жени или се управувани од жени “, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

„Ни претставува задоволство што соработуваме со Народната банка во унапредувањето на Финансискиот код за претприемаштво кај жените во земјата. Оваа иницијатива ја истакнува нашата посветеност на зајакнувањето на финансиската вклученост на жените претприемачи, преку целна поддршка и пристап до капитал. Со заеднички сили, ЕБОР и Народната банка се стремат да ја зајакнат средината во која бизнисите со кои управуваат жени ќе постигнуваат успех, ќе го поттикнат економскиот раст и во која ќе владее родовата еднаквост”, посочи Туркменоглу, постојаниот претставник на ЕБОР во Македонија.

Кодексот за финансирање на жените претприемачи се применува и е поддржан од околу 30 земји во светот. Целта е да се воспостави координирано спроведување на Кодексот при што ќе бидат ангажирани што поголем број чинители − регулаторите, давателите на финансиски услуги и други партнери, коишто ќе работат заедно на изградбата на националната инфраструктура за обезбедување податоци и анализа на родовата финансиска вклученост, како и проширување на понудата на финансиски производи што им се нудат на жените претприемачи.

Тимовите на Народната банка и на ЕБОР оценија дека нивна заедничка цел е да се зајакне поддршката на бизнисите предводени од жени и залагањето за родовата еднаквост, што ќе придонесе за зголемена финансиска вклученост, отворање нови бизниси и работни места, како и за придвижување на економскиот раст.