Народната банка не знае детали од разговорите меѓу банките и Владата за унгарскиот заем

91

Народната банка не знае детали од разговорите меѓу банките и Владата за унгарскиот заем и воопшто не е вклучена во овој процес.

Ќе може да излезе со став откако ќе има подетални сознанија, рече денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.  -Не сме вклучени во овој процес. Не ги знаеме деталите од разговорите.

Кога ќе имаме подетални сознанија за разговорите и договорот меѓу банките и Владата, тогаш ќе можеме да излеземе со наш став, рече Ангеловска-Бежоска, одговорајќи на новинарски прашања, откако ги презентираше есенските макроекономски проекции.

Во врска со најавите на Владата за дополнителни задолжувања, гувернерката напомена дека намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно за стаблизирање на јавниот долг.

Во оваа насока ги повтори препораките на меѓународните финансиски институции: постепена фискална консолидација, постепена монетарна акомодација во линија со фискалната консолидација и интензивирање на структурните реформи.

-При нашите проекции ја земаме предвид најновата фискална стратегија која беше неодамна донесена и која предвидува патека на фискална консолидација, односно од буџетски дефицит 4,9 проценти оваа година, негово постепено намалување и сведување на околу три отсто во 2027 година.

Нема дилема дека намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно за стаблизирање на јавниот долг, подвлече Ангеловска-Бежоска.