Наскоро нов закон за енергетика усогласен со директивите на ЕУ и ЕЗ

44

Подготвена е драфт верзијата на новиот закон за енергетика и во следните три месеци се очекува да ги помине сите фази и да биде целосно усогласен со директивите на ЕУ и Енергетската заедница (ЕЗ), најави денеска министерот за економија Беким Незири.

“Драфт верзијата е готова и таа треба да биде синхронизирана со сите закони на Европската унија. Таа ќе биде дадена на јавно мислење, а една копија ќе биде испратена и до Европската енергетска заедница”, истакна Незири на денешниот завршен настан на проектот за зајакнување на административниот капацитет на Секторот за енергетика при Министерството за економија и на Агенцијата за енергетика, јавува Миа.

Министерот посочи дека се направени сите правилници кои ќе ја олеснат работата на потенцијалните инвеститори за градење нови електрани во Македонија и новите законски и подзаконски акти кои ќе помогнат Република Македонија во делот на енергетскиот сектор да заземе важно место на европскиот енергетски пазар.

Раководителот за соработка во Делегацијата на Европската унија Мартин Клауке е задоволен од сработеното. Тој нагласи дека либерализацијата на енергетскиот сектор во Македонија допрва треба да следи и изрази надеж дека оваа постапка ќе се забрза.

Проектот се спроведуваше изминатите две години, а за него Европската унија одвои 1,6 милиони евра. Целта беше да се овозможи зајакнување на капацитетите на надлежните институции во делот на енергетиката и усогласување на сите законски и подзаконски акти со европското законодавство.