
Македонија ќе биде првата земја во регионот која ќе ги исполни обврските за укинување на дополнителните трошоци за роаминг во ЕУ, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Во гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21, тој објасни дека граѓаните нема да плаќаат дополнително за повици, пораки и интернет додека патуваат во земјите од Европската Унија.
“За роамингот ветив – ќе бидеме прва држава која ќе ги исполни задачите. Тоа значи нема да плаќате дополнително кога сте во ЕУ. Балканскиот модел на роаминг сакаме да го пресликаме и за ЕУ. Ние ја завршивме својата работа, го испративме текстот до ЕУ за мислење и ќе го изгласаме во Собранието“, изјави Андоновски.
Министерот додаде дека пред две недели добиле нови прашања од Европската Унија, но дека планот останува непроменет и земјата е подготвена да ја финализира законската регулатива за укинување на роаминг трошоците.
Во контекст на ЕУ интеграцијата, пак, Андоновски истакна дека државата не се откажува од европскиот пат, но нагласи дека секој следен чекор мора да биде проследен со јасни гаранции.
Посочи дека земјава активно работи на реформите и ги исполнува обврските кои ѝ се поставени.











