Натпревар во читање на Шекспир на УАКС

23

uaks

На 12 мај (четврток) 2016 година, Факултетот за странски јазици при Универзитетот Американ колеџ Скопје организира традиционален годишен натпревар во читање текстови од светски познати писатели. Оваа година, натпреварот е во знакот на големиот јубилеј – 400 години од смртта на Вилијам Шекспир, а се организира во соработка со Амбасадата на Велика Британија и со Британскиот совет во Македонија.

Натпреварот ќе се одржи во просториите на УАКС во Скопје, со почеток во 10 часот. Финалето со доделувањето на наградите ќе започне во 13 часот.

На натпреварот се пријавени 114 средношколци од Македонија, кои се подготвувале под менторство на нивните наставници, вкупно 57. Секој од пријавените ученици ќе чита еден сонет или монолог од драмите на Шекспир, на англиски јазик.

Во жирито, кое ќе ги одбере најдобрите, учествуваат: деканката на Факултетот за странски јазици, проф. д-р Марјана Ванева, професорот-шекспиролог д-р Иван Додовски, предавачите-англисти м-р Дејвид Ламберт, м-р Јованка Јованчевска-Миленкоска и м-р Бетина Џоунс од УАКС, како и познатиот македонски актер Ѓорѓи Јолевски, кој своевремено со голем успех ја играл улогата на Хамлет.

Вредните награди за најуспешните ќе ги врачат директорката на Британскиот совет во Македонија, Елеонора Запрова и деканката на Факултетот за странски јазици при УАКС, проф. д-р Марјана Ванева.

Покрај богатите награди за победниците, сите наставници-ментори и сите ученици пријавени на овој престижен натпревар ќе добијат сертифакат за учество.